• +389 (2) 3 250 100
  • info@piom.com.mk

За фондот

Развој на пензиското и инвалидското осигурување

Пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување, има свој историски развој. Пензискиот систем во Република Македонија егзистира повеќе од 50 години и сите позначајни промени во општествено-економските односи се рефлектираат и врз ова осигурување.
Од 1 јануари 1994 година, Република Македонија за првпат со Законот за пензиското и инвалидско осигурување, самостојно и автономно ги уреди односите во оваа област.

Позначајни измени овој закон претрпе во 1995, 1996, 1997 и во 2000,2001,2003, 2004 и 2005 година.

Со последните измени на Законот, поставени се основите на капитално финансирано пензиско и инвалидско осигурување, и доградување на законската регулатива која се однесува на наплатата на придонесот, имајќи предвид дека Фондот во единствена постапка ќе ги собира придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, ќе ги контролира и ќе врши нивна распределба за државниот и приватните пензиски фондови, која се однесува и за неговата имплементација.

map-mp

Спроведување на пензиското и инвалидското осигурување

Системот на пензиското и инвалидското осигурување се спроведува преку Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, кој од 1991 година е следбеник на поранешната Самоуправна интересна заедница на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување на единствен начин се уредени правата од пензиското и инвалидско осигурување за сите осигуреници. Управните, финансиските, стручните, административните и другите работи во спроведувањето на пензиското и инвалидското осигурување на територијата на Република Македонија ги спроведува Стручната служба на Фондот, со Централа и подрачни единици.

Седиштето на Фондот е во Скопје.

Активности на Фондот

Во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување се остварува политиката на развојот на пензиското и инвалидско осигурување, се следат состојбите, се преземаат соодветни мерки за унапредување на системот на пензиското и инвалидско осигурување и за рационално користење на средствата потребни за обезбедување на правата од пензиското и инвалидско осигурување, се решаваат права за остварување старосна, инвалидска и семејна пензија, право на распоредување на друго соодветно место, право на соодветно вработување, право на преквалификација или доквалификација и право на соодветни парични надоместоци, право на паричен надоместок за телесно оштетување, право на најнизок износ на пензија и се врши исплата на пензии и други права од пензиското и инвалидско осигурување.